Монохроматски стил на уредување на просторот

Еден од начините да создадете впечатлив, но сепак едноставен стил во вашиот дом е монохроматското уредување.

За да го постигнете овој ефект е потребно да  користите една боја во сите нејзини нијанси. Со овој начин на уредување нe можете многу да згрешите се додека ја имате вистинската боја. Доколку во просторот веќе постои нијанса на бојата која сакате да ја користите, формирајте ја вашата палета околу  неа. Со цел да избегнете пренагласеност избирајте неутрални нијанси како што е кафената, а држете се подалеку од многу јаки бои како што е портокаловата.

oformlenie-gostinoy-35

Тајната на совршено уредениот монохроматски простор се текстурите и дезените . Поиграјте си со нив со цел да ја избегнете монотонијата. Поради нерамната површина текстурата дава различен ефект во зависност на тоа како ја одбива светлината. Украсни перници, килими и завеси се совршен начин за да се постигне саканиот ефект. За да ја разбиете едноличноста можете да користите различни принтови а притоа да не ја нарушите целата концепција. Додатоци во црна и бела боја можат да го оживеат просторот уште повеќе. Доколку се одлучите за користење на впечатлив мебел кој сакате да биде центар на просторот, овие нијанси ќе му ја истакнат вистинската убавина.

Сепак ваквиот стил е често погрешно сфатен. Самиот збор монохроматски означува користење на една боја, но тоа не значи дека задожително морате да бидете ограничени. Природните матерјали секогаш добро се вклопуваат во просторот без разлика на тоа за каква боја се имате одлучено.